свет

Италија ја потврдува својата посветеност во оформувањето на иднината на Блискиот Исток

- „Посветеноста на Италија на Блискиот Исток ќе биде важна, ќе видиме каков ќе биде нашиот ангажман – може да се работи за обука на палестинската полиција или за силен придонес во цивилната администрација“, изјави Тајани на маргините на самитот на Г7

İlayda Çakırtekin  | 12.11.2025 - Обновена : 12.11.2025
Италија ја потврдува својата посветеност во оформувањето на иднината на Блискиот Исток

ИСТАНБУЛ (АА) - Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денес за време на Самитот на министри за надворешни работи на Г7, кој започна вчера во Канада, изјави дека улогата на Италија на Блискиот Исток ќе биде „значајна“, јавува Анадолу.

„Посветеноста на Италија на Блискиот Исток ќе биде важна, ќе видиме каков ќе биде нашиот ангажман – може да се работи за обука на палестинската полиција или за силен придонес во цивилната администрација“, изјави Тајани за италијанската новинска агенција АНСА, на маргините на самитот.

Тој нагласи дека Италија ќе биде „конструктивна“ и потсети на одлуката на земјата да инвестира 60 милиони евра (околу 69 милиони долари) во реконструкцијата, од кои првите пет милиони се пратени пред неколку месеци.

„Мора да обезбедиме прекинот на огнот во Газа да се зацврсти и сета хуманитарна помош и храна да стигнат до населението“, додаде шефот на италијанската дипломатија.

Исто така, тој истакна дека италијанскиот пратеник, кој претходно бил во Јордан, Рамала, Израел и Египет, ќе отпатува во САД за да обезбеди Италија да биде „протагонист“ во фазата на реконструкција и „во фазата што мора да биде фаза на мир“.

Договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 10 октомври, врз основа на планот од 20 точки предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.

Првата фаза од договорот предвидува ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници, како и почеток на обновата на Газа и воспоставување нов механизам за управување без учество на Хамас.


- Тајани се надева на прекин на огнот во Судан

Одговарајќи на прашање за конфликтот меѓу суданската армија и Силите за брза поддршка (РСФ), Тајани рече:

„Се надеваме дека ќе се постигне прекин на огнот меѓу двете страни.“

Тој најави дека Италија подготвува значајна хуманитарна помош: „Авион и брод со материјали за деца ќе пристигнат во Порт Судан пред Божиќ“, додаде тој.

Од 15 април 2023 година суданската армија и РСФ се во вооружен судир, а регионалните и меѓународните напори за посредување досега не успеаја да донесат мир. Досега во конфликтот загинаа илјадници лица и се предизвика раселување на милиони луѓе.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın