Oliver Towfigh Nia
12 Ноември 2025•Ажурирај: 13 Ноември 2025
БЕРЛИН (АА) – Германија распореди неколку невооружени полициски службеници на палестинските територии, со цел да помогне во стабилизирањето на ситуацијата и зајакнувањето на локалните цивилни безбедносни сили, јавија германските медиуми денес, пренесува Анадолу.
„Неопходна е функционална полициска сила за траен мир на Блискиот Исток“, изјави министерот за внатрешни работи Александер Добриндт за германската новинска агенција „Дпа“, објаснувајќи дека затоа одлучил во Ерусалим да прати висок тим од Сојузната полиција.
Според него, полициските службеници оттаму ја поддржуваат реконструкцијата на полицијата и безбедносните сили на палестинските територии и стационирани се во Канцеларијата за безбедност (OSC).
Тимот, кој првично се состои од четворица полициски службеници, пристигнал на палестинските територии пред околу две недели, пренесе агенцијата.
Мисијата има цел да го продлабочи германскиот придонес во јакнењето на цивилните безбедносни структури во палестинските области, надоврзувајќи се на повеќе од 15 години германска полициска поддршка што веќе е во тек.
- Мисија на ЕУ
Според „Дпа“, мисијата на ЕУ – ЕУБАМ Рафа – повторно е активна од почетокот на 2025 година. Нејзина главна задача е одржување на неутрално присуство на граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет, иако моментно функционира во режим на подготвеност.
Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека земјата учествува во оваа мисија со двајца полициски службеници стационирани во Рамат Ган, Израел, од каде што се координираат административните активности.
Германија, исто така, планира повторно да се вклучи во мисијата ЕУПОЛ КОППС, која има цел натамошно зајакнување на палестинската полиција и на владеењето на правото на Западниот Брег. Последен пат германски полициски службеник бил распореден таму до крајот на октомври годинава.
Германските вооружени сили моментно имаат тројца офицери во Јужен Израел како дел од процесот на стабилизација во Појасот Газа.
Според Министерството за одбрана, тие се во униформа, но невооружени, а дејствуваат во рамките на Центарот за цивилно-воена координација (CMCC), предводен од САД.