Barış Seçkin
27 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
РИМ (АА) - Несогласувањето околу тоа Џузепе Конте да продолжи како премиер, помеѓу Движењето „Пет ѕвезди“ (М5С) и Демократската партија (ПД), во обидот да формираат нова влада во Италија, доведоа до застој на преговорите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Неколку часа пред претседателот Серџо Матарела да гo започне вториот круг политички консултации за решавање на владината криза, разговорите помеѓу двете најблиски политички партии за формирање нова влада се прекинати.
Во писменото соопштение од Движењето „Пет ѕвезди“ (М5С), се бара од Демократската партија (ПД) да го разјасни ставот и официјално да каже „да“ за Конте да биде премиер. Движењето „Пет ѕвезди“ соопшти дека нема да се одржат понатамошни разговори со Демократската партија, која не го одобри Конте, и ја откажа денешната средба планирана за попладне.
Во изјавата се потенцира дека земјата поминува низ чувствителен период и дека се работи на формирање влада.
„Се гледа дека мислењата на Демократската партија се измешани. Зборуваат само за назначувања и министерски места, не зборуваат ниту за буџет ниту пак, за прашањата за кои треба да работи владата. Тоа не може да продолжи така. На вчерашните 4-часовни разговори не се постигнати резултати. Или ќе се промени ваквиот став или нема да има преговори. Ако сакаат да одиме на избори, тоа треба јасно да го кажат. Сите ги потсетуваме дека Движењето „Пет ѕвезди“ е првата политичка партија во Парламентот“, се истакнува во писмената изјава од Движењето „Пет ѕвезди“.
Состанокот на раководството на Демократската партија, што требаше да биде одржан денес, е одложен за утре претпладне.
Лидерот на М5С, Луиџи ди Маио, и лидерот на ПД, Никола Зингарети, вчеравечер имаа получасовна средба и потоа одржаа посебна 4-часовна средба со учество на сегашниот премиер Конте, за кого M5S инсистираше да продолжи како премиер.
Италијанските медиуми вчера објавија дека ПД ја ублажила својата позиција за Конте и дека ги побарала важните министерства, како што се за внатрешни работи, надворешни работи и економија.
- Владина криза -
Претседателот Серџо Матарела минатата недела ја започна прва рунда политички консултации за надминување на кризата, откако партијата „Лига“ на 8 август објави дека ја напушта Владата, обвинувајќи го коалицискиот партнер М5С дека „на сè викал не“. На 20 август премиерот Конте поднесе оставка.
Матарела истакна дека на крајот од првиот круг консултации, некои партии побарале дополнително време за можноста за формирање влада што може да обезбеди мнозинство во Парламентот, и најави дека на 27 август ќе го започне вториот круг разговори.