Mustafa Deveci
27 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Можноста за повторно започнување на разговорите меѓу САД и Иран за нуклеарниот договор ја загрижи израелската администрација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на израелската телевизија „Канал 13“, изјавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека може да се сретне со иранскиот претседател, Хасан Рохани, ако се создадат „правилни услови“, предизвикала „длабока“ загриженост во израелската администрација.
Во веста, која се заснова на тројца неименувани израелски министри и двајца високи функционери, се истакнува дека можноста за продолжување на разговорите за нуклеарната програма меѓу Вашингтон и Техеран претходно, неколку пати била на агендата на Кабинетот за безбедност на Израел.
Во веста, исто така, се истакнува дека израелската администрација соопштила дека средбата меѓу Трамп и Рохани „може да се одржи за многу кратко време“ и дека се загрижени затоа што по таа средба американската администрација може да стави крај на притисокот врз Иран.
Еден израелски министер нагласил: „Не нè интересираат разговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран. Нашата можност да влијаеме и да му се спротивставиме на Трамп е крајно ограничена.“
Од друга страна, „Канал 13“ цитираше висок израелски функционер, кој истакнува: „Ние сме многу среќни што Иран досега ги отфрли сите предлози на Трамп за разговори.“
Трамп на заедничката прес-конференција со францускиот претседател, Емануел Макрон, вчера по Самитот на Г7 во Бијариц, во врска со можната средба со иранскиот претседател, Хасан Рохани, рече: „Ако се создадат правилни услови, секако ќе се согласам.“
Рохани во однос на изјавата на Трамп, нагласи: „Ние нема да бидеме сведоци на какви било позитивни случувања во односите меѓу Иран и САД, сè додека не ги укинат санкциите.“