AP
24 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
РИМ (АА) - Италијанските парламентарци денеска избраа претседатели на двата дома на Парламентот, по општите избори на 4 март, кои не донесоа апсолутен победник. Довербата да претседаваат ја добија членовите на популистичкото движење „Пет ѕвезди“ и на партијата на Силвио Берлускони „Форца Италија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Марија Елизабета Алберти Каселат, членка на „Форца Италија“ и долгогодишен сојузник на Берлускони, стана првата жена која беше избрана за претседател на Сенатот на Републиката, во вториот круг од гласањето во саботата.
Роберто Фико од движењето „Пет ѕвезди“ беше избран за претседател на Претставничкиот дом.
И покрај изборот на претседателите на двата дома на Парламентот, сѐ уште не постои индикација дека која било од двете политички опции со најмногу гласови на Изборите, „Пет ѕвезди“ и Централно-десничарската коалиција, собрана околу „Форца Италија“, се близу до формирање на нова Влада на Италија.
Се очекува дека следната недела ќе се одржат преговори за да се дојде до потребното мнозинство за поддршка на Владата.