свет

Истражување: Секоја минута во 2020 година се користеле по три милиони маски

Со пандемијата на Ковид-19, што е присутна веќе две години, зголемена е употребата на маски и ракавици, а бројките прикажани во истражувањата ја откриваат важноста на заштитата на животната средина

Yasemin Kalyoncuoğlu  | 26.10.2021 - Обновена : 27.10.2021
Истражување: Секоја минута во 2020 година се користеле по три милиони маски

АНКАРА (АА) - ЈАСЕМИН КАЛЈОНЏУОГЛУ -

Во текот на 2020 година во светот, на месечно ниво биле користени 129 милијарди маски, а овие бројки укажуваат на потребата за адекватно одложување на отпадот, изјави Зејнеп Џејлан, професорка на насоката Инженерство за заштита на животната средина на Универзитетот „Ататурк“ во Анкара, јавува Агенција Анадолија (АА).

Со пандемијата на Ковид-19, што е присутна веќе две години, зголемена е употребата на маски и ракавици, а бројките прикажани во истражувањата ја откриваат важноста на заштитата на животната средина.

Професорката Џејлан, која е директорка на Центарот за примена и истражување на проблемите на животната средина, говореше за АА и укажа на потребата од адекватно одложување на хигиенските материјали, чија употреба значајно се зголеми со епидемијата.

Истакнувајќи дека светот треба да се навикне на живот со епидемијата и дека со отпадот треба правилно да се управува, Џејлан порача:

„Мораме да се грижиме за отпадот. Правилно управување со отпадот е хигиена на екосистемот. Кога правилно управуваме со екосистемот, на сите живи суштества ќе им биде подобро. Сите добро знаеме како пластиката го загадува светот. Многу работи се сменија во текот на пандемијата. Потрошувачките навики на луѓето се сменија. Медицинскиот отпад порасна повеќе од што би требало.“

Џејлан изнесе и некои многу загрижувачки податоци, меѓу кои и тоа дека во 2020 година во една минута се користеле дури три милиони маски.

„Во 2020 година, кога избувна Ковид-19, во светот за еден месец биле потрошени 129 милијарди маски. Кога станува збор за ракавици, оваа бројка се качи на 194 милијарди. Овие податоци покажуваат дека во една минута се користеле три милиони маски. Ова се многу сериозни бројки. Во 2020 година во светот се произвеле 72 илјади тони медицински отпад“, потенцираше Џејлан.

Таа нагласи дека одложувањето на медицинскиот отпад од старечките домови, карантинските центри, болниците и домовите за здравје треба да се врши во согласност со законската регулатива и да се подигне свеста на вработените во нив.

Џејлан, исто така, ги повика граѓаните да водат сметка за одложувањето на медицинскиот отпад. Таа кажа дека за отпадот, како што се маски, ракавици, амбалажи од средства за дезинфекција, е потребно да се подготват одвоени кеси. Откако ќе се наполнат три четвртини од кесите, да се почека 72 часа, потоа цврсто да се врзат и да се одложат во контејнер. Таа истакна дека искористената маска на улица треба да се превитка два пати, а потоа да се фрли во контејнер.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın