свет

Ирска ги претстави новите мерки за заострување на правилата за миграција

- Откако Кабинетот одобри серија измени во миграцискиот систем на земјата, министерот за правда О’Калаган објави дека оние на кои им е доделен статус бегалец во Ирска сега ќе мора да чекаат пет години пред да може да аплицираат за државјанство

İlayda Çakırtekin  | 27.11.2025 - Обновена : 27.11.2025
Ирска ги претстави новите мерки за заострување на правилата за миграција

ИСТАНБУЛ (АА) – Ирскиот министер за правда Џим О’Калаган вчера ги претстави новите мерки за заострување на правилата за миграција и азил, со цел, како што наведе, да се одговори и на забрзаното зголемување на населението, јавува Анадолу.

Зборувајќи откако Кабинетот одобри серија измени во миграцискиот систем на земјата, О’Калаган објави дека оние на кои им е доделен статус бегалец во Ирска сега ќе мора да чекаат пет години пред да може да аплицираат за државјанство, според радиодифузерот РТЕ.

Постојниот услов им овозможува на лицата на кои им е доделен статус бегалец да аплицираат за државјанство откако ќе живеат во земјата три години.

Министерот истакна дека во текот на новиот петгодишен период ќе се врши проверка на сите социјални бенефиции што ги примале лицата со бегалски статус, при што предност ќе имаат оние што се вработени.

Тој додаде дека статусот бегалец може да биде повлечен доколку лицето се смета за закана за државата.

Според планот, луѓето ќе се соочат со подолги периоди на чекање и ќе мора да платат надоместок за семејно обединување. Тие, исто така, мора да покажат финансиска самоодржливост според ревидираните правила за приходи.

Вработените баратели на азил наскоро ќе треба да одвојуваат дел од неделниот приход за покривање на трошоците за државно сместување.

Укажувајќи дека Ирска има годишен раст на населението од 1,5% – што е седумпати над просекот на ЕУ – О’Калаган порача дека Владата мора да носи миграциски политики што го земаат предвид овој тренд.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın