Ali Abo Rezeg
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
БАГДАД (АА) - Ирачките демонстранти денес блокираа значајни мостови и патишта во Багдад, при што антивладините демонстрации влегоа во својот 10-ти ден, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите, исто така, затворија патишта и владини институции во покраините Вавилон, Ди Кар, Мутана, Диванија, Васит и Мајсан во јужен и централен Ирак.
Денешните ескалации се случија ден откако демонстрантите го нападнаа Ирачкиот конзулат во шиитскиот свет град Карбала, спуштајќи го иранското знаме и заменувајќи го со ирачко знаме.
Ирак е погоден од втор бран протести од минатата недела, поради незадоволство од високата стапка на невработеност, корупцијата и недостигот на јавни услуги.
Според ирачката Висока комисија за човекови права, најмалку 260 лица се убиени и 12.000 други повредени од почетокот на демонстрациите.
Незадоволството во Ирак во последниве години е во пораст поради зголемената стапка на невработеност и големата корупција. Голем дел од населението има ограничен пристап до основните потреби, како што се електрична енергија и чиста вода.
Според податоците на Светската банка, Ирак има висока стапка на невработеност кај младите од околу 25 отсто. Од страна на повеќе организации за транспарентност рангиран е како 12-та најкорумпирана земја во светот.