Ahmet Dursun
06 Февруари 2021•Ажурирај: 07 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, изјави дека Договорот за нуклеарната програма не треба да се претвора во изборен материјал на претседателските избори во земјата закажани за 18 јуни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за весникот „Хамшахри“, Зариф одговараше на прашања во врска со ревитализацијата на нуклеарниот договор и можните преговори со Соединетите Американски Држави (САД).
Наведувајќи дека во Иран не постои консензус за преговорите со САД, Зариф рече:
„Темата за преговори меѓу Иран и САД е прашање за кое треба да се постигне договор во земјата и за него да се одлучува на највисоките нивоа во земјата. Во моментов, во земјата нема консензус за преговори со САД, но не се потребни преговори за САД да се вратат на нуклеарниот договор.“
И покрај тоа, Зариф посочи дека ако САД се вратат на нуклеарниот договор, тогаш, како една од страните на договорот, би можеле да развијат дијалог со Иран, и додаде: „Ние секогаш бевме на таа маса и не мора да се враќаме на преговарачката маса. САД мора да купат билет за да седнат на преговарачката маса. Во тој случај, тие ќе бидат дел од 5 + 1 и дефинитивно ќе има дијалог во овие рамки.“
Со приближувањето на претседателските избори во Иран, закажани на 18 јуни, Зариф истакна дека прашањата како што се враќањето на Договорот за нуклеарна програма и укинувањето на санкциите не треба да се поставуваат како изборен материјал:
„Политиката на иранската држава во врска со нуклеарниот договор не е поврзана со владите и оваа политика се спроведува со одлуките донесени на највисоко ниво на земјата. Ги замолувам сите наши пријатели и од двете политички крила (конзервативци и реформатори) да не го прават прашањето за нуклеарниот договор изборен материјал. Ова прашање се однесува на егзистенцијата на луѓето и признавањето на правата на Иран. Се разбира дека се признати и правата на Иран.“
Иранскиот министер истакна дека во моментот во прашање е егзистенцијата на луѓето, која што е влошена во периодот на Трамп, и запирањето на економската војна, и дека овие прашања не се предмет на внатрешна дебата.