Emre Aytekin
06 Февруари 2021•Ажурирај: 07 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Групи земјоделци од индиските сојузни држави Пенџаб и Харајана започнаа протести со затворање на 33 автопати во 15 подрачја во околината на главниот град Њу Делхи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави весникот „Хинду“ („The Hindu“), поради протестите што се организирани по повикот на синдикатот на земјоделците „Самјукт Киан Морча“, сообраќајот на обиколниците во главниот град ќе биде запрен 3 часа.
- Новите закони за земјоделство и протестите на земјоделците -
Двата закона во Индија, што беа донесени во септември 2020 година за либерализација во земјоделскиот сектор, не се прифатени од земјоделците бидејќи сметаат дека со нив им се става крај на политиките за основната цена и поддршка при откупот, а дека посредничките компаниите ќе ги намалат цените и на крајот ќе ги остават без земја.
Владата на премиерот Нарендра Моди тврди дека новите закони ќе го охрабрат растот на земјоделството преку приватни инвестиции, давајќи им на земјоделците слобода во пласманот на нивниот производ.
- 11 рунди преговори без успех -
Единаесетте рунди преговори меѓу Владата и земјоделците останаа без резултат. Земјоделците го отфрлија и предлогот на Владата за суспендирање на законите за 18 месеци.
Земјоделците најавија дека протестите ќе продолжат и по преговорите што останаа без резултат.
Се вели дека повеќе од половина од земјоделците во Индија се во долгови, а 20.638 земјоделци извршиле самоубиство во 2018 и 2019 година.