Ahmet Dursun
10 Јануари 2019•Ажурирај: 11 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Меѓу Иран и Украина е извршена размена на осуденици. Разменети се осудениот ирански шпион кој во Украина беше осуден на 11 години затвор и украинскиот морнар на кого во Иран му се судеше за убиство, јавува Anadolu Agency (AA).
Украинската новинска агенција УНИАН јави дека Украина и Иран го размениле Андриј Новичков, морнар за кого во Иран беше побарана смртна казна за убиство и Алиј Јадуел, кој во Украина претходно е осуден на 11 години поради шпионирање за Иран.
Иранскиот државјанин обвинет за шпионирање во Украина синоќа беше испорачан на Иран по наредба на претседателот на оваа земја, Петро Порошенко, додека украинскиот морнар Новичков денес пристигна во Украина.
Иранецот Алиј Јадуел е обвинет во Украина дека во 2016 година за време на докторските студии посредувал помеѓу колеги од Институтот за физика и технологија во Харков при продажба на тајни воени радио-разузнавачки технологии. Иако ги негираше обвиненијата, тој е осуден на 11 години затвор.
Украинскиот морнар Новичков е обвинет за убиство на Иранецот Мухамед Бехранпур во текот на 2017 година. Бехранпур бил работник на иранскиот брод на кој Новичков бил втор капетан. За Новичков во процесот е побарана смртна казна.