Sena Güler
10 Јануари 2019•Ажурирај: 11 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Случајот со убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги треба да стане предмет на меѓународна истрага, изјави официјален претставник на Организацијата за човекови права „Амнести интернешнал“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Убиството на Кашоги, кое се случи пред очите на целиот свет, би требало исто така да стане предмет на меѓународна истрага“, изјави Ѓоксу Озахишали, менаџерката на кампањата на организацијата во Турција, за новинарите пред Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, на 100. ден од неговото убиство.
Саудиските власти понудија различни приказни за да го објаснат исчезнувањето на Кашоги, пред да признаат дека бил убиен во дипломатската зграда.
Озахишали и активистите на „Амнести интернешнал“ велат дека бараат правда за Кашоги, кој го подигна својот глас за слобода на говорот во арапскиот свет.
„Турските власти, кои започна истрага по убиството на Кашоги, открија дека тој бил задавен, а потоа распарчен. Телото на насилно убиениот Кашоги допрва ќе се пронајде“, изјави таа.
„На 100. ден од неговата смрт, улицата на која што Кашоги беше последен пат виден е наречена по него“, изјави Озахишали.
„Со оваа симболична активност, ние го повторуваме нашето барање за правда за Кашоги“ рече таа.
Нагласувајќи дека биле задоволни од напорите на турските власти, Озахишали додаде: „Како Амнести интернешнал, ние уште еднаш се залагаме за почеток на независна истрага на ОН за убиството и тортурата врз Кашоги, како и за други злосторства и прекршувања извршени за време на убиството.“
Таа изјави дека убиството на Кашоги го насочило вниманието на целиот свет кон Кралството и саудискиот принц Мухамед бин Селман.

Озахишали изјави дека тие ја гледаат истрагата иницирана од саудиските власти само за шоу, и додаде: „Убиството на Џамал Кашоги го заврте погледот на целиот свет кон Саудиска Арабија и принцот Селман.“
„Не веруваме дека саудиските власти, кои започнаа шоу-истрага за убиството, ќе спроведат фер и веродостоен процес“, истакна Озахишали.
Ерол Ондероглу, турскиот претставник на „Репортери без граници“, исто така ја поддржа изјавата на медиумите.
Турските власти ги искористија сите можни средства за да ги донесат оние што се одговорни пред лицето на правдата, одржувајќи меѓународен притисок. Од друга страна, Саудиска Арабија имаше контрадикторни изјави за убиството. Подоцна објави дека Кашоги бил убиен ’во тепачка‘ што се случи во Генералниот конзулат.
И покрај тоа што поминаа 100 дена од убиството, Ријад одржува загрижувачки став за откривање на нови информации во врска со убиството.
Турција постојано вели дека ќе бара истрага за инцидентот од ОН, изразувајќи подготвеност за соработка.