Diyar Güldoğan
11 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Првиот престолонаследник на Саудиска Арабија, принцот Мухамед бин Салман е соочен со обвиненијата за планот да го достави во Саудиска Арабија, а потоа и да го уапси исчезнатиот новинар Џамал Кашоги, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
„Вашингтон пост“ објави вест дека американските разузнавачки служби поседуваат пресретнати разговори во кои саудиските официјални претставници зборуваат за планот Кашоги да се намами да се врати во Саудиска Арабија, по што би бил притворен.
Блиските пријатели на Кашоги тврдат дека блиски соработници на принцот Мухамед во изминатите четири месеци на Кашоги му нуделе заштита и добра работа по враќање во татковината.
Истиот извор јавува дека Кашоги бил скептичен и на еден од пријателите му кажал дека саудиските власти веројатно не би го заштитиле.
„Тој ми кажа дека никако не верува на официјален Ријад“, изјави Калед Сафури, американско-арапскиот политички активист.
Исчезнатиот Кашоги соработувал и со голем број арапски медиуми, вклучувајќи го и реформистичкиот весник „Ал-Ватан“ (Al-Watan).
Последниот текст на „Вашингтон пост“ предизвика голем број коментари, но и прашање е дали американската администрација требало да го предупреди Кашоги за информациите за пресретнатите разговори на саудиските официјални претставници.
Во Турција е покрената истрага за неговото исчезнување, а репортерот на агенцијата „Ројтерс“ (Reuters) вчера изјави дека Кашоги е убиен во Конзулатот откако бил заложник неколку дена. Истото тврдење го објави и Асоцијацијата на турски и арапски медиуми, од каде што тврдат дека имаат и докази.
Конзулатот на Саудиска Арабија на Твитер објави порака во која ги отфрла наводите на репортерот на „Ројтерс“ за убиство на новинарот во конзуларниот комплекс.
Од Министерството за надворешни работи на Турција е соопштено дека во рамките на истрагата ќе биде прегледана и внатрешноста на комплексот на саудискиот Конзулат, за што е упатен и службен повик од властите на Саудиска Арабија.