Satuk Buğra Kutlugün
11 Октомври 2018•Ажурирај: 12 Октомври 2018
ЏАКАРТА (АА) - „Бројот на загинати од минатомесечниот земјотрес и цунамито во Индонезија се искачи на 2.073“, се вели од Агецијата за национални катастрофи, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на индонезиската Национална агенција за справување со природни катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека бројот на загинати лица од земјотресот и цунамито достигнал 2.073, а дека над 10.000 лица се повредени.
Портпаролот, исто така, изјави дека најголем број загинати лица има во Палу, каде што бројот на загинати изнесува 1.663 лица, воглавно како резултат на цунамито.
Нугрохо додаде дека вонредната состојба во земјата ќе продолжи до крајот на октомври.
Разорниот земјотрес со јачина од 7,5 степени по Рихтер го погоди островот Сулавеси на 28 септември и предизвика цунами, чии бранови достигнаа височина и до 6 метри.
Индонезија се наоѓа во таканаречениот пацифички „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности.
Во земјотресот што на 26 декември 2004 година ја потресе Индонезија со интензитет од 9,1 степен и цунамито што следуваше по него, вклучувајќи ги и другите земји во регионот, животот го загубија 230.000 луѓе.