Ekipa
27 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
БУДИМПЕШТА (АА) - Амнести Интернешнал (АИ) во својот најнов извештај тврди дека Унгарија ги малтретира бегалците, обвинувајќи ја земјата дека намерно го дизајнирала системот на азили за придојдените да ги одврати од останување во Унгарија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во пресрет на референдумот за планот на Европската Унија за распределба на бегалците, кој во Унгарија се одржува в недела, на 2 октомври, Организацијата за заштита на човековите права истакнува дека унгарските власти намерно се однесуваат лошо кон бегалците.
Како што се наведува, стотици мигранти и бегалци се изложени на физичко малтретирање, илегално потиснување преку границите и незаконско приведување што го спроведува унгарската власт.
АИ особено ги критикува новите правила што Унгарија ги воведе на 5 јули оваа година, одлучувајќи да ги врати бегалците од своите граници во Србија.
„Страшниот третман и лавиринтскиот систем за азил се смислени за да ги одвратат бегалците од Унгарија, која ги милитаризираше своите граници. Во заднина на токсичната референдумска кампања, антибегалската реторика го достигнува својот врв“ , тврди Џон Далхуисен, директорот на АИ за Европа и за средна Азија.
Унгарија оваа недела одржува референдум чија цел е спротивставување на планот на ЕУ за распределба на бегалците меѓу земјите на Унијата.
АИ за референдумот го обвинува унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за кој вели дека го заменил владеењето на правото со владењеето на стравот, за да ги охрабри гласачите да го отфрлат предлогот на ЕУ на референдумот.