Syed Zafar Mahdi
09 Октомври 2023•Ажурирај: 10 Октомври 2023
ТЕХЕРАН (АА) - Министрите за надворешни работи на Иран и Ирак синоќа во телефонски разговор разменија мислења за најновите случувања во Палестина, соопшти иранската Влада, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи се вели дека Хосеин Амир-Абдолахиан и неговиот ирачки колега Фуад Хусеин разговарале за билатералните односи и ситуацијата во Палестина во услови на прекин на непријателствата меѓу палестинската група на отпорот Хамас и Израел.
Двете страни, се наведува во соопштението, „ја нагласија потребата од координација и кохерентност меѓу муслиманските земји во поддршката“ на палестинскиот народ и повикаа на специјална седница на Организацијата за исламска соработка (ОИС) за Палестина.
Групата на отпорот Хамас, со седиште во Газа, ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел во раните утрински часови во саботата, истрелувајќи низа ракети.
Како одговор на тоа, израелската војска го бомбардираше Појасот Газа, уривајќи многу високи згради во текот на изминатите два дена.
Досега се загинати најмалку 600 Израелци, додека бројот на загинати на палестинска страна, исто така, се искачи на 370, според извештаите.
Иранскиот министер за надворешни работи, зборувајќи со својот ирачки колега, потврди дека палестинскиот народ има „легитимно право да се спротивстави на агресијата и окупацијата“, се наведува во соопштението на Министерството, во кое се додава дека последната операција е „природен одговор на континуираната агресија“ на Израел против џамијата „Ал Акса“ и палестинскиот народ.
Амир-Абдолахиан повика на „координирана и ефикасна акција на исламските земји за помош на Палестина и запирање на агресивните напади на ционистичкиот режим врз жените и децата на Газа и на Западниот Брег“, се додава во соопштението.
Претходно вчера иранскиот претседател Ебрахим Раиси рече дека Техеран ја поддржува „легитимната одбрана на палестинскиот народ“.
Тој ги повика муслиманските земји да ја поддржат палестинската нација, нагласувајќи дека угнетувањето и неправдата, навредите кон палестинските жени и затвореници и сквернавењето на „Ал Акса“ „нема да траат“.
Раиси, исто така, имаше одделни телефонски разговори со лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, и лидерот на Исламски џихад, Зијад Нахалах, во неделата.
Иранскиот лидер му рекол на Ханије дека „челичната одлучност на палестинската нација ја ветува нејзината конечна победа“ над Израел, објавија државните медиуми.
Од своја страна, лидерот на Хамас како главна причина за последната воена операција ги наведе сквернавењето на џамијата „Ал Акса“ и злосторствата врз палестинските верници.
Иран и Израел се огорчени непријатели и немаат дипломатски односи од Иранската револуција во 1979 година. Двете страни често се обвинуваат меѓусебно за саботажа и прокси-напади.