Haydar Şahin
19 Април 2024•Ажурирај: 20 Април 2024
ТЕХЕРАН (АА) - По експлозиите што се слушнаа во иранските градови Исфахан и Табриз, иранските медиуми објавија дека тоа е поради активирањето на системот за противвоздушна одбрана и уништувањето на три мини беспилотни летала, пренесува Анадолу.
Новинската агенција Фарс, позната по блискоста со Корпусот на Иранската револуционерна гарда, објави дека се слушнала експлозија во близина на 8. главна млазна база во градот Исфахан, во централниот дел на Иран, каде што се наоѓа нуклеарна постројка.
Иранската државна телевизија објави дека системот за противвоздушна одбрана во Исфахан соборил многу беспилотни летала.
Новинската агенција Мехр, исто така, наведе дека три мини беспилотни летала биле неутрализирани од системите за противвоздушна одбрана на мала височина во подрачјето на 8. главна млазна база во Исфахан околу 4 часот утрово по локално време.
Иранската новинска агенција ИРНА, исто така, објави дека системи за противвоздушна одбрана биле активирани во многу делови од земјата и дека системот за противвоздушна одбрана бил активиран како резултат на откривање на сомнителна цел во северозападниот регион Табриз.
Се додава дека никаде во земјата немало експлозии од поголеми размери и дека не биле активирани системите за противвоздушна одбрана со долг и среден дострел.
Во врска со објавите на социјалните мрежи во кои се тврди дека дошло до експлозии и оштетување на нуклеарната централа во Исфахан, се наведува дека состојбата во нуклеарните објекти е безбедна.
Иранската државна телевизија, повикувајќи се на локални извори, јави дека нуклеарната постројка во Исфахан не е нападната.
За експлозиите се огласи и иранската војска:
„Сите звуци на експлозија што се слушнаа во Исфахан се должат на активирањето на системот за противвоздушна одбрана и немаше експлозии или штета во градот“, се наведува во соопштението.