Ahmet Dursun
04 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
АНКАРА
Властите на Иран го одбија предлогот на Русија за воспоставување директни иранско-американски преговори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на Кабинетот на иранскиот претседател, Махмуд Ваизи, за агенцијата „Тесним“ изјави дека е одбиен предлогот на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, за воспоставување директен дијалог меѓу Техеран и Вашингтон.
Истакнувајќи дека Русија и многу други земји вложуваат труд за да се дојде до релаксација на односите меѓу Иран и САД, Ваизи изјави дека Иран нема план да преговара со Вашингтон и дека Техеран јасно го изнел својот став за тоа.
„Американците со нас можат да преговараат само доколку се вратат на Договорот за нуклеарната програма. Сите други иницијативи се осудени на пропаст“, порача Ваизи.
Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, во вторникот во Москва изјави дека Русија е подготвена да ја поддржи иницијативата за воспоставување дијалог меѓу Иран и САД.
„Уверени сме дека дијалогот и директното изнесување на проблемите е најдобриот начин за надминување на кризата“, изјави Лавров.