Levent Tok,Halit Süleyman,Selen Temizer
16 Јуни 2017•Ажурирај: 17 Јуни 2017
ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад, и покрај фактот што Идлиб, Латакија, Хама, Хомс, Дера и Дамаск се наоѓаат во „зоните без судир“, извршуваат воздушни напади на ова подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што јавува новинарот на АА од Сирија, цивилите во споменатите подрачја се изложени на воздушни напади од авионите на режимските сили.
Најинтензивните напади се извршуваат во центарот на Дера, во јужниот дел на земјата. Утринава е бомбардирано селото Кесијејн, во северниот дел на Хомс по што жителите беа принудени да ги напуштат своите домови и да се засолнат на побезбедни места.
Источниот дел на Дамаск, како и местата Џобар и Арбин исто така се цел на воздушни напади на режимските сили.
Земјите гаранти, Турција, Русија и Иран, на почетокот од мај, за време на четвртата рунда од преговорите за Сирија во казахстанскиот главен град Астана, потпишаа меморандум за формирање на „зони без судири”, односно безбедносни зони на подрачјето на Сирија.
Меморандумот подразбира формирање на „зони без оружени судири“ во четири региони на тие безбедносни зони долж границите на споменатите области во земјата погодена од војна.
Станува збор за Идлиб и некои подрачја во Латакија, Хама и Алепо, потоа одредени подрачја во северниот дел на Хомс, Источна Гута во Дамаск и некои подрачја во јужниот дел на Сирија (Дера и Кунејтра).