Emre Aytekin
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Историскиот Таџ Махал во Индија, што беше затворен поради епидемија на коронавирус (Ковид-19), по шест месеци ги отвори вратите за посетителите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на „Би-би-си“, историскиот Таџ Махал, изграден од могулскиот владетел Шах Џахан во 17 век, е отворен за ограничен број посетители со мерките за социјална дистанца.
Комплексот, кој е едно од најпосетуваните туристички места во Индија, се состои од монументални гробници и џамии. Пред епидемијата комплексот дневно го посетуваа 70 илјади гости. Сега ќе можат да го посетат најмногу 5 илјади гости дневно. Посетителите во комплексот ќе мора да носат маска и да ги почитуваат правилата за социјална дистанца.
Таџ Махал се смета за едно од „7-те светски чуда“ и се наоѓа на листата на УНЕСКО како светско културно наследство. Беше привремено затворен во март, кога во Индија беше воведен полициски час и мерки за карантин.
Забраната за посета од 6 месеци се смета за најдолгиот период во кој бил затворен историскиот Таџ Махал.
Исто така, Таџ Махал беше затворен кратки периоди за време на војната меѓу Индија и Пакистан во 1971 година и за време на поплавата во градот Агра во 1978 година.
Мавзолејот е изграден од могулскиот владетел Шах Џахан во спомен на неговата сопруга Мумтаз Махал, која починала при породување. Таџ Махал се смета за едно од важните дела на турско-исламската архитектура.