Ekipa
07 Февруари 2021•Ажурирај: 08 Февруари 2021
ЈАНГОН (АА) - Десетици илјади демонстранти, претежно млади луѓе, денес излегоа на четири одделни протести против воениот удар во Мјанмар, и покрај силното обезбедување и блокадите на главните улици низ Јангон, најголемиот град во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Полицијата во Јангон се бори да ги блокира демонстрантите кои маршираат кон Суле Пагода, центарот на градот“, јави фриленсерот на АA кој се наоѓа во градот.
Тој рече дека граѓаните ги бодрат демонстрантите аплаудирајќи им и нудејќи им храна и вода, и додаде дека демонстрантите кои маршираат по различни улици во градот избегнуваат какви било судири со полицијата за време на демонстрациите против пучот.
Воената хунта на Мјанмар вчера го блокираше интернетот низ земјата поради протестите против воениот удар.
Речиси 300 членови на Парламентот на Мјанмар вчера издадоа заедничко соопштение со кое ја отфрлаат воената хунта што ја презеде власта преку државен удар претходно оваа недела.
Пратениците истакнаа дека тие се единствени претставници на народот во видеото објавено преку Фејсбук. Тие ветија дека ќе продолжат да се борат за демократијата во име на гласачите.
Во меѓувреме, здравствените работници во државните болници беа во првите редови на ненасилниот отпор, едни штрајкуваа, а останатите од средата го објавија својот протест и продолжија да се грижат за пациентите.
Војската на Мјанмар, официјално позната како Татмадау, прогласи вонредна состојба во понеделникот, неколку часа по приведувањето на претседателот на земјата Вин Мјинт, де факто лидерката и државна советничка Аунг Сан Су Чи и други високи членови на владејачката Национална лига за демократија (NLD).