Nuri Aydın
07 Февруари 2021•Ажурирај: 08 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Делегацијата на Светската здравствена организација (СЗО), што го истражува потеклото на новиот тип коронавирус (Ковид-19), објави дека не се пронајдени докази дека вирусот потекнува од пазарот за храна во Вухан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави кинеската новинска агенција „Синхуа“, рускиот експерт Владимир Дедков од делегацијата на СЗО дал нова изјава во врска со потеклото на Ковид-19.
Дедков изјавил дека на пазарот за храна во Вухан постојат сите услови за ширење на епидемијата, но истакнал дека тоа не значи дека вирусот потекнува оттаму.
Негирајќи ги обвинувањата дека Ковид-19 протекол од Лабораторијата за вирусологија на Институтот „Вухан“, Дедков рече: „Лабораторијата е совршено опремена. Тешко ми е да замислам дека нешто може да протече оттаму.“
Институтот, основан за создавање архива со генетски информации за коронавирусите на лилјаците по епидемијата на акутен респираторен синдром (САРС) во 2002-2003 година, беше предмет на обвинувања дека „Ковид-19 е вештачки произведен во тамошната лабораторија и по грешка излегол надвор од неа.“
Кинеските власти ги негираа обвинувањата и дадоа спротивни недокажани тврдења дека „Ковид-19 потекнува од друга земја и дека дошол во Кина преку увезена замрзната морска храна“.
- Кина ги имаше одбиено повиците за истрага -
Кина претходно го отфрли барањето на американската администрација за започнување истрага за потеклото на вирусот. Таа воведе извозни ограничувања за Австралија, откако австралиската Влада во април 2020 година упати повик за започнување меѓународна истрага од страна на СЗО.
Подоцна, по зголемувањето на меѓународниот притисок, делегацијата составена од експерти и истражувачи од САД, Австралија, Германија, Јапонија, Англија, Русија, Холандија, Катар и Виетнам на почетокот на јануари допатува во Кина, но беа принудени да се вратат откако администрацијата од Пекинг предупреди дека не се земени валидни визи.
По добивањето на дозволите, делегацијата со приватен авион пристигна во градот на 14 јануари, каде што остана во карантин 14 дена. Во тој период делегацијата размени информации со кинеските официјални лица на состаноците одржани преку интернет.
На теренските студии што започнаа на 29 јануари, делегацијата изврши преглед на пазарот за морска храна во Вухан, каде што беа забележани првите случаи на коронавирусот, како и во Интегрираната регионална болница за кинеска и западна медицина „Хубеи“, Болницата „Вухан Џининтан“, Државниот центар за контрола на болести на Хубеи и Центарот за болести на животни.
- Ковид-19 за првпат е забележан на пазарот за храна во Вухан -
Светот за првпат дозна за избувнувањето на епидемијата со Ковид-19 кога Кина на 31 декември 2019 година го информираше СЗО дека во градот Вухан, во кинеската провинција Хубеи, се појавило „мистериозно респираторно заболување од непознато потекло“.
Болеста најпрво била забележана кај луѓето што го посетиле пазарот за морска храна во Вухан, а првиот пациент бил примен во болницата на 17 ноември со поплаки дека има „респираторна болест“ од непознато потекло.
Разбирливо беше дека болеста што предизвикува гноење на белите дробови е предизвикана од претходно непознат вид коронавирус, за кој се претпоставува дека е мутиран бета коронавирус пронајден кај лилјаците.