Darren Christopher Lyn
04 Ноември 2022•Ажурирај: 05 Ноември 2022
ХЈУСТОН (АА) - Илон Маск ќе започне со отпуштања во „Твитер“, почнувајќи од денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите што ги објавија различни медиуми, електронска пошта на компанијата испратена во четвртокот вечерта од новиот шеф на гигантот за социјални медиуми ги известила работниците дека ќе добијат известување до 12 часот в петок со информација дали остануваат или си заминуваат од компанијата.
„Во обид да го поставиме Твитер на здрав пат, в петок ќе поминеме низ тежок процес на намалување на нашата глобална работна сила“, истакнува Маск во електронската пошта до која дојде „Вашингтон пост“ (Washington Post).
„Доколку Вашето вработување не е загрозено, ќе добиете известување преку Вашата електронска пошта на Твитер“, се вели во пораката. „Ако Вашето вработување е засегнато, ќе добиете известување со следните чекори преку Вашата лична електронска пошта.“
Маск дејствуваше брзо по неговото купување на „Твитер“ за 44 милијарди долари минатата недела, отпуштајќи го првин извршниот директор Параг Агравал и целиот одбор на директори, ставајќи се себеси привремено како единствен директор на платформата.
Најавите за отпуштања не се изненадување, бидејќи Маск по купувањето објави дека планира да отпушти половина од 7.500 вработени колку што работат во компанијата.
Извршниот директор на „Тесла“ и на „Спејс екс“, на почетокот на оваа година реагираше на кадровската несоодветност во компанијата кога го започна процесот на купување на компанијата, а минатата недела за тоа објави твит дека „најзбрканата“ работа во „Твитер“ во моментов е дека „се чини дека 10 луѓе го менаџираат секое лице кое кодира“.
Во и-мејлот испратен до вработените Маск вели дека „Твитер“ мора „да помине низ тежок процес на намалување на (својата) глобална работна сила, почнувајќи од петок“ и дека овој потег „за жал е неопходен со цел да се обезбеди понатамошен успех на компанијата“.
Во пораката се додава дека „со цел да се помогне во осигурувањето на безбедноста“ на вработените и системите на „Твитер“, канцелариите на компанијата „привремено ќе бидат затворени и секој влез со значките ќе биде суспендиран“. Сите вработени беа замолени да останат дома в петок (денеска) и да чекаат новости за нивниот работен статус и нивната судбина во компанијата.
Со оглед на тоа што „Твитер“ сега е приватна компанија, не мора да одговара пред акционерите за кратењето на работните места.