АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден изјави „Ќе го ослободиме Иран“ во врска со протестите во оваа земја кои траат веќе 50 дена, а започнаа по смртта на една девојка во полициски притвор, известува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Бајден, во своето обраќање на настанот што Демократската партија го организира во Калифорнија пред претстојните избори во Конгресот закажани за 8 ноември, се осврна на демонстрациите во Иран.
Кога неговите поддржувачи за време на неговиот говор ги кренаа мобилните телефони и ја покажаа пораката „Слободен Иран“ , Бајден им се обрати со зборовите „Не грижете се, ние ќе го ослободиме Иран. Тие многу бргу самите ќе се ослободат.“
Бајден не даде повеќе коментари на оваа тема.
- Демонстрации во Иран -
Дваесет и двегодишната Махса Емини беше приведена од Патролите на Иршад, познати како „полиција на моралот“ во Техеран на 13 септември, по што ѝ се слошило и била пренесена во болница. Емини почина во болница на 16 септември, што предизвика бес во земјата.
Демонстрациите, кои започнаа по погребот на Емини во нејзиниот роден град Сакез на 17 септември, се проширија во многу градови од Иран.
Иако официјални извори соопштија дека во настаните загинале цивили и претставници на безбедносни сили, не се дадени јасни податоци за бројот на загинати.
Иранската организација за човекови права со седиште во Норвешка објави дека во демонстрациите досега животот го загубиле 253 лица. Во вестите објавени во иранските медиуми се наведува дека за време на демонстрации, досега животот го загубиле повеќе од 30 претставници на безбедноста.
- Иран ги обвинува САД и Израел -
Иранската администрација, демонстрациите кои траат околу 50 дена ги смета како „заговор на странски сили, како што се САД и Израел, кои имаат за цел да ја распарчат земјата“.
САД воведоа санкции за некои функционери на иранските безбедносни сили поради полициската интервенција во демонстрациите организирани поради смртта на Махса Емини.
Покрај тоа, Администрацијата на Вашингтон неодамна воведе санкции кон Иран поради „обезбедување вооружени беспилотни летала и техничка помош на Русија за употреба во Украина“.
Иран, пак, од своја страна, како одговор на санкциите што ги воведе САД, на 1 ноември санкционира 10 американски поединци и четири организации, меѓу кои и високи цивилни и воени функционери, поради „поттикнување насилство во земјата и мешање во внатрешните работи на земјата“.
news_share_descriptionsubscription_contact
