Ahmed Asmar
04 Ноември 2024•Ажурирај: 05 Ноември 2024
РАМАЛА (АА) - Група илегални еврејски доселеници утринава запалија голем број палестински возила откако нападнаа индустриска област во централниот окупиран Западен Брег, јавува Анадолу.
Очевидци за Анадолу изјавија дека најмалку 20 возила биле запалени од вооружени доселеници во индустриската област во близина на градот Ал-Бирех.
Доселениците отвориле оган кон екипите на цивилната одбрана и возилата на брзата помош и ги спречиле да стигнат до опожарените возила, додаваат очевидците.
Според палестинските податоци, илегалните еврејски доселеници од октомври минатата година извршиле околу 16.663 напади врз Палестинци, земји и имоти низ окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.
Податоците од израелската група против населување „Мир сега“ покажуваат дека има половина милион илегални доселеници во 146 населби и 224 пунктови на Западниот Брег.
Тензиите се зголемени низ окупираниот Западен Брег поради бруталната офанзива на Израел врз Појасот Газа, во која од 7 октомври 2023 година се убиени повеќе од 43.200 Палестинци, главно жени и деца.
Најмалку 768 Палестинци оттогаш се убиени, а речиси 6.300 други се повредени во оган на израелската Армија на окупираниот Западен Брег, според Министерството за здравство.
Ескалацијата следуваше по значајното мислење во јули на Меѓународниот суд на правдата, кој ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за „нелегитимна“ и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.