Safiye Karabacak
09 Мај 2019•Ажурирај: 10 Мај 2019
РАФА (АА) - ХАНИ ЕС-САИР -
Израелските сили во текот на изминатиот викенд извршија напади во Појасот Газа, при што ја бомбардираа и зградата на Центарот за лицата со инвалидитет.
Во неделата се погодени стотици домаќинства, а уништена е и шесткатница во која, покрај канцеларијата на образовните установи, се наоѓа и единствениот Центар за лица со инвалидитет во Рафа. Во нападот загинаа три лица.
Јасемин Абид, претседателката на Конфедерацијата на лица со инвалидитет, за Anadolu Agency (AA) изјави дека просториите на Центарот ги напуштиле пред нападот.
„Зградата ја напуштив половина час пред нападот“, раскажа таа. Како што рече, Центарот го формирале пред три месеци и не можат да веруваат дека тоа место сега е уништено.
„Ова беше единствен центар во Рафа кој пружаше помош на лицата со инвалидитет. Се работи за помош на сите лица со инвалидитет, вклучувајќи и лица кои беа повредени за време на протестите „Голем марш за враќање“. Кратко пред нападот, во Центарот се наоѓале голем број лица со инвалидитет“, појасни Абид.
Таа истакна дека Центарот пружа помош за околу 1.000 лица со инвалидитет во Рафа, а сега, како што нагласи, тие лица се лишени од единственото место каде што имале некаков вид помош.

На Басим ед-Дахни му е ампутирана ногата откако беше ранет за време на протестите „Голем марш за враќање“.
„Не ме изненади тоа што окупаторите, чиешто оружје беше насочено кон нас за време на демонстрациите, сега го насочија кон Центарот кој служеше на лицата со инвалидитет. Ним им е лесно да прават најлоши и најопасни злосторства“, појасни Дахни.
„За светот, раскажете за она што го прават окупаторите“, порача овој 33-годишник.
Во израелските напади во Газа минатиот викенд беа убиени најмалку 25 Палестинци, меѓу кои беа две трудници и две бебиња. Ранети се најмалку 150 лица и срушени се стотици станбени единици.
Како последица на ракетите кои од Газа се истрелани на Израел, загинаа четири лица, меѓу кои и еден Палестинец.
Со посредство на Египет и Обединетите нации, Израел и палестинските групи во понеделникот изутрина договорија примирје.