Kaamil Ahmed
04 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот воен суд денес осуди израелски војник кој застрела во глава и уби веќе повреден Палестинец минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Елор Азариа (18) беше осуден откако судијката Маја Хелер изјави дека Палестинецот Абдул-Фатах Шариф без причина бил застрелан и убиен.
Судот ги одби аргументите дадени од страна на тимот на одбраната на војникот дека Шариф веќе претходно починал од повредите со кои претходно се здобил пред да биде застрелан од Азариа.
Шариф претходно бил повреден и разоружен откако наводно минатиот март извршил напад во градот Хеброн, во окупираниот Западен Брег.
Азариа подоцна тврдеше дека стравувал оти Шариф носи бомба во тој момент.
Сепак, судот увиде дека немало непосредна закана за војникот, што значи дека тој ги прекршил т.н. правила за ангажман на израелските безбедносни сили кога пукал во веќе повредениот Палестинец.
Судот ги одби поголемиот дел од аргументите на Азариа, опишувајќи ги како двосмислени, вклучително и тврдењата дека тој имал психолошки проблеми.
Моментот на пукањето бил снимен со камера на палестински активист.
По денешната пресуда, арапско-израелскиот пратеник Ајман Уда изјави дека криминалната окупација (на палестинските територии) предизвикала симпатии кон Азариа, нагласувајќи дека стотици слични инциденти не биле фатени со камерата.
Вчера, шефот на израелската армија, Гади Ајзенкот инсистираше на тоа дека Азариа од страна на израелското општество не треба да се гледа како сечие дете и нагласи дека војникот бил задолжен да се држи до военото однесување.
Спротивно на тоа, десничарскиот министер за образование и лидер на партијата Еврејски дом, Нафтали Бенет, повика Азариа веднаш да биде ослободен од казната, иако тој беше прогласен виновен за убиството.
Судот сѐ уште не му одредил казна на Азариа, кој се очекува да поднесе жалба за пресудата.