Mohammad Sıo
20 Септември 2024•Ажурирај: 21 Септември 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелската војска денес соопшти дека го убила шефот за операции на Хезболах, Ибрахим Акил, и де факто командант на силите Радван, во напад со беспилотно летало во јужните предградија на Бејрут, јавува Анадолу.
Израелската војска рече дека „леталото извршило целен напад базиран на разузнавачки информации во подрачјето на Бејрут и го елиминирало Ибрахим Акил, челникот на единицата за операции на Хезболах и командант на елитните сили Радван на Хезболах“.
„За време на нападот, заедно со Акил се елиминирани и високи оперативци во оперативниот штаб на Хезболах и команданти од единицата Радван“, се додава во соопштението.
Понатаму се тврди дека „Ибрахим Акил и командантите на Радван кои беа елиминирани денеска го планирале нападот на Хезболах „Освојте ја Галилеја“, во кој Хезболах имал намера да се инфилтрира во израелските заедници и да убива невини цивили.“
Претходно денеска, либанското Министерство за здравство извести дека во израелскиот напад врз јужните предградија на Бејрут загинале 12 лица, а 66 се повредени, од кои девет се во критична состојба.
Либанската национална новинска агенција соопшти дека во нападот погоден е стан во една од станбените згради во подрачјето на Џамус.
Екипи на брзата помош и цивилната одбрана пристигнаа на местото на нападот и пренесоа во болница неколкумина од повредените.
Во вторникот и средата, 37 лица загинаа, а над 3.250 се повредени, меѓу кои и жени и деца, во серија експлозии на уреди за безжична комуникација, вклучувајќи и пејџери и воки токи уреди.