Ikrame Imane Kouachi
29 Декември 2024•Ажурирај: 30 Декември 2024
ГАЗА ГРАД (АА) - Израелската армија денес ја таргетираше Баптистичката болница во Газа, интензивирајќи го тековното уништување во северните делови на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелска артилериска граната го погодила горниот кат на Баптистичката болница.
Болницата е последната функционална медицинска установа во северна Газа, откако израелската армија ја уништи и делумно ја запали болницата „Камал Адван“, јави дописникот на Анадолу.
Во петокот, израелската војска упадна во болницата „Камал Адван“, ја запали и целосно ја направи нефункционална.
Над 350 луѓе во болницата, вклучително и нејзиниот директор Хусам Абу Сафија, 180 медицински лица и 75 пациенти и нивните придружници, се приведени и однесени на непозната локација, соопшти владината канцеларија за медиуми на Газа.
Во октомври 2023 година, Баптистичката болница беше бомбардирана од израелската војска, при што загинаа 500 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.
Израел започна голема копнена офанзива во северниот дел на Газа на 5 октомври, тврдејќи дека ја спречува палестинската група Хамас од прегрупирање. Но, Палестинците го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Оттогаш, не е дозволен влез за ниту една хуманитарна помош, храна, лекови и гориво, што го стави преостанатото население во опасност од глад.
Израел уби речиси 45.500 Палестинци во Газа од прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, а енклавата ја претвори во рушевини.
Минатиот месец, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.