Dilara Karataş
29 Декември 2024•Ажурирај: 30 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Патнички авион кој летал од Норвешка за Холандија излета денес од пистата за време на принудно слетување, што е трет ваков инцидент во последните 24 часа, по оној во Јужна Кореја во кој се претпоставува дека животот го изгубиле 179 лица, јавува Анадолу.
„Летот КЛ1204, Боинг 737-800, излета од десната страна на пистата 18 по слетувањето на аеродромот Торп Сандефјорд во Осло. Летот беше пренасочен таму веднаш по полетувањето од аеродромот во Осло“, се вели во соопштението објавено од Ројал Дач ерлајнс на X.
Пилотите одлучиле да го пренасочат авионот на аеродромот Сандефјорд Торп, 110 километри од Осло, за принудно слетување, објави порталот за вести ap7am.com.
Иако авионот слетал безбедно, набргу потоа се излизгал од пистата и запрел во тревната површина во непосредна близина на пистата, пишува медиумот, наведувајќи го како причина дефект на хидрауличниот систем.
Се наведува дека 176 патници и шест членови на екипажот во авионот не се повредени, и дека за инцидентот започната е истрага.
Претходно, авион на „Ер Канада“ принудно слета на Меѓународниот аеродром „Халифакс Стенфилд“, по дефект со опремата за слетување.