Halime Afra Aksoy
17 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
ГАЗА (АА) - Израелската војска бомбардираше одредени позиции на Хамас во блокираниот Појас Газа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелската војска на Твитер наведе дека некои набљудувачки точки кои припаѓаат на движењето Хамас се погодени со артилериски оган.
Во изјавата е наведено дека нападот е извршен како одговор на наводното лансирање на балони од Газа кои во Израел предизивкуваат пожари.
Не е познато дали во израелскиот напад има загинати или ранети.
Израелската војска од среда бомбардира одредени позиции во Газа за кои тврди дека припаѓаат на Хамас.
Од друга страна, ерусалимскиот муфтија Мухамад Ахмад Хусеин, вчера изјави дека се „харам“, односно верски забранет чин, сите посети во Ал Акса, кои ќе бидат организирани во согласност со контроверзниот договор за нормализација на односите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел.
„Ал Акса е отворена за клањање намаз за оние кои се со Палестина, а не за оние кои склучуваат договори за нормализација на односите со Израел,и во тој контекст го имплементираат т.н. мировен план на векот“, изјави за АА муфтијата на Ерусалим и Палестина, Хусеин.
Потсетувајќи дека со претходните фетви е отфрлен и за харам (недозволено) е прогласен американскиот мировен план кој Ерусалим го третира за главен град на Израел, Хусеин изјави дека и склопувањето на договори за нормализација на односите со Израел е дел од тој американски план, и дека како такво е забрането.