28 Март 2024•Ажурирај: 01 Април 2024
ГАЗА (АА) - Во Газа, која се бори за опстанок поради израелските напади и окупацијата, децата умираат од неисхранетост, јавува Анадолу.
Смртта на уште едно дете укажува на сериозноста на хуманитарната криза во Појасот Газа. Агенција Анадолу објави снимка од шестгодишното момче Мухамад Наим Ал-Наџар, кое е уште една жртва на израелската блокада на хуманитарната помош, на носила.
И покрај меѓународните обиди да се олесни влезот на хуманитарната помош во опколениот Појас Газа, Израел спречува хуманитарните конвои да стигнат до оние на кои им е потребна помошта.
Децата во Газа се борат со смртта поради недостиг на храна и лекови. Според последните податоци на Министерството за здравство на Газа, 27 лица починале од неисхранетост и дехидрација во Појасот Газа.
Израел започна напади врз Појасот Газа по 7 октомври минатата година по прекуграничниот напад на Хамас. Оттогаш во израелските напади загинаа најмалку 32.552 Палестинци, главно жени и деца.
По тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било дејства поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.