Mahmoud Mohamed Barakat
30 Ноември 2023•Ажурирај: 01 Декември 2023
РАМАЛА (АА) - Израелската армија приведе најмалку 40 Палестинци во рација спроведена на Западниот Брег, соопшти Здружението на палестински затвореници, јавува Анадолу.
Палестинската невладина организација изјави дека со последните приведувања, вкупниот број Палестинци приведени од 7 октомври досега се зголеми на 3.365.
Тензиите се зголемени низ Западниот Брег откако Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Израел и Хамас утринава се договорија да ја продолжат хуманитарната пауза во Појасот Газа за уште еден ден за да продолжат со ослободување на повеќе заложници. Хуманитарната пауза требаше да заврши утринава. Од почетокот на првата пауза минатата недела, во текот на шест дена, ослободени се 66 израелски затвореници во замена за 210 Палестинци.