Ahmed Asmar
23 Јануари 2025•Ажурирај: 24 Јануари 2025
ЏЕНИН (АА) - Израелската Армија запали неколку домови во бегалскиот камп Џенин на северниот дел на Западниот Брег, изјавија очевидци, јавува Анадолу.
„Пет домови беа запалени во населбата Ал-Габер во кампот Џенин“, изјави очевидец за Анадолу.
Нападот е извршен додека Армијата ја продолжува својата воена операција трет ден по ред во Џенин, при што загинаа најмалку 12 лица, а 40 други се повредени.
Во соопштението на израелската Армија се вели дека операцијата во Џенин, под кодно име „Железен ѕид“, се очекува да трае неколку дена.
Израелските медиуми соопштија дека нападот на Џенин е дел од политичкиот маневар на премиерот Бенјамин Нетанјаху за да го смири министерот за финансии од крајната десница Безалел Смотрич, кој се спротивстави на неодамнешниот прекин на огнот во Газа. Извештаите сугерираат дека Нетанјаху го ветил нападот за да го спречи Смотрич да поднесе оставка, што може да ја урне Владата.
Тензиите се зголемени низ окупираниот Западен Брег поради израелската геноцидна војна на Појасот Газа, каде што беа убиени речиси 47.300 Палестинци, главно жени и деца, а над 111.400 се повредени од 7 октомври 2023 година.
Најмалку 873 Палестинци оттогаш се убиени, а над 6.700 се повредени од оган на израелската Армија на окупираната територија, според палестинското Министерство за здравство.
Договорот за прекин на огнот и размена на затвореници стапи на сила во Газа на 19 јануари, со што беше прекината израелската војна на палестинската енклава.
Меѓународниот суд на правдата во јули ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за нелегална и побара евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.