Ahmed Asmar
07 Август 2024•Ажурирај: 12 Август 2024
АНКАРА (АА) - Израелска група за човекови права во понеделникот ги опиша затворите во Израел како „мрежа на логори за мачење“, потврдувајќи ја систематската политика на тортура и понижувачки третман на палестинските затвореници во израелските затвори, јавува Анадолу.
Б'Целем (B'Tselem) истакна дека за својот извештај собрала сведоштва од 55 палестински затвореници во израелските затвори, потврдувајќи го лошото третирање на Палестинците за време на нивниот притвор.
„Сведоштвата јасно укажуваат на систематска, институционална политика фокусирана на континуирано малтретирање и тортура на сите палестински затвореници што ги држи Израел“, се наведува во извештајот.
„Со текот на годините Израел затвори стотици илјади Палестинци во своите затвори, кои отсекогаш, пред сè, служеле како алатка за угнетување и контролирање на палестинското население“, наведува Б'Целем.
Групата за човекови права наброја неколку форми на дејства од страна на управителите на израелските затвори - „насилство без причина, сексуален напад, понижување и деградација, намерно изгладнување, лишување од спиење... и одбивање на соодветно медицинско лекување“.
„Овие описи се појавуваат постојано во сведоштвата (на Палестинците) со застрашувачки детали и со застрашувачки сличности“, се додава.
Се истакнува и дека сведоштвата што ги собрала групата од палестинските затвореници во различни затворски установи „не даваат простор за сомневање дека станува збор за една организирана, декларирана политика на израелските затворски власти“.
Еден палестински затвореник пред Б'Целем истакнал дека „двајца чувари дојдоа и ме однесоа во ќелија со големина од 1,5 квадратни метри без тоалет. Во таа ќелија бев повеќе од три месеци... Светилката беше вклучена 24\7.“
Некои затвореници се затворени во своите ќелии во текот на целиот ден, а „на други им беше дозволено да излегуваат по еден час еднаш на неколку дена за да се тушираат. Некои никогаш не виделе дневна светлина за време на нивниот престој в затвор“, додава Б'Целем.
Потврдувајќи ја сериозноста на нехуманиот третман на Израел кон палестинските затвореници, се истакнува дека тоа може да се види „во бројот на палестински затвореници што починале во израелски притвор, над 60“.
Извештајот завршува со повикување на меѓународната заедница „да направи сѐ што е во нејзина моќ итно да се стави крај на суровоста извршена врз Палестинците од страна на израелскиот затворски систем“.