Burak Bir
07 Август 2024•Ажурирај: 08 Август 2024
ЛОНДОН (АА) – Официјалните претставници и полицијата на Обединетото Кралство се подготвуваат за повеќе насилства и нереди низ целата земја денес поради планирани немири од крајно десничарските групи на повеќе од 30 локации, јавува Анадолу.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека очекува многумина од крајно десничарските демонстранти во последните насилства и нереди да бидат осудени до крајот на неделата бидејќи полицијата се подготвува за уште 30 собири планирани во текот на денот, особено во 20 часот.
Стармер, кој континуирано предупредува дека оние што се вклучени во насилствата ќе се соочат со комплетна сила на законот, исто така, ги предупреди компаниите за социјални медиуми да не се однесуваат неодговорно со поттикнување насилство и ширење лажни информации.
И покрај тоа продолжија насилството и нередите во градовите низ Англија, а се очекува да се одржат десетици нови собири во различни градови, меѓу кои и во главниот град Лондон.
Градовите Оксфорд, Ливерпул, Мидлсброу, Шефилд и Стоук се меѓу локациите што веќе ги објавија крајно десничарските корисници на различни платформи на социјалните медиуми за денешниот собир.
Тамворт и Ротерам, каде што пред неколку дена цел на демонстрантите беа хотелите во кои престојуваат баратели на азил, исто така, се меѓу локациите за денешните немири.
Во меѓувреме, одговорните во џамиите во Западен Мидлендс предупредија на реактивно насилство бидејќи некои заедници планираат да одржат контрапротести за да ги заштитат улиците од немирите.
Слична порака објави и Ханија Адам од месџидот Грин Лејн во Бирмингем во врска со пораките и заканите на социјалните мрежи.
„Нашата порака беше многу јасна: дозволете полицијата да си ја работи својата работа. Ние не користиме јазик на насилство. Наш прв одговор е да се молиме, да се обратиме до повисокото битие и да побараме заштита за сите во земјата“, порача тој вчера.
Кари Асим, претседател на Националниот советодавен одбор за џамии и имами, исто така, рече дека тие издале насоки дека „никој не треба да го земе законот во свои раце“.
„Работа на полицијата и на другите надлежни е да ги заштитат поединците и џамиите и ние треба да ги поддржиме наместо да бидеме пречка“, рече Асим.
Анас Алтикрити, извршен директор и основач на Фондацијата „Кордоба“, исто така, повика да не се предизвикува штета.
„Да не им го даваме задоволството. Да бидеме апсолутно сигурни дека постапуваме според нашата вера, според нашата религија“, истакна тој, мислејќи на оние што „не би сакале ништо повеќе освен да видат како муслиманите се однесуваат насилно и го кршат законот“.
Алтикрити, исто така, ги повика муслиманите да го пријават секое кривично дело, инцидент и напад, без разлика дали е вербален или физички.
Обединетото Кралство со денови е во превирања, со насилни протести на десничарските групи што скандираат расистички и исламофобични слогани против муслиманите, малцинските групи и мигрантите.
Немирите беа поттикнати од лажните тврдења што се ширеа на интернет дека осомничениот уапсен за фаталното прободување со нож на три девојчиња на 29 јули во Саутпорт бил барател на азил – муслимани. Тогаш напаѓачот беше идентификуван од властите како Аксел Рудакубана, 17-годишен тинејџер роден во Кардиф од родители од Руанда, но тоа не помогна нималку да ги заузди крајно десничарските групи.