Ahmed Asmar
21 Мај 2025•Ажурирај: 23 Мај 2025
АНКАРА (АА) - Израел денес објави дека ја отфрла одлуката на ЕУ за преиспитување на договорот за соработка на Блокот со Тел Авив, во обид да изврши притисок врз Израел да ја прекине својата смртоносна и засилена офанзива во Газа, јавува Анадолу.
„Целосно го отфрламе правецот преземен во изјавата (на ЕУ), што одразува целосно неразбирање на сложената реалност со која се соочува Израел“, напиша портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Орен Марморштајн, на социјалната мрежа Х.
Тој ја обвини палестинската група Хамас за продолжувањето на војната во Газа, тврдејќи дека Израел „постојано се согласувал со американските предлози за прекин на огнот и ослободување на заложниците“.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, вчера изјави дека ЕУ ќе го разгледа договорот што ги регулира нејзините политички и економски врски со Израел поради „катастрофалната“ ситуација во Газа.
„Од денешната дискусија е јасно дека постои силно мнозинство кое е за преиспитување на член два од нашиот договор за асоцијација со Израел“, изјави Калас на прес-конференција по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Во изминатите неколку дена, израелската Армија ги интензивираше воздушните напади во Газа, при што се убиени повеќе од 500 Палестинци, а стотици други беа повредени.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 53.600 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.