Израел презема нови мерки за заземање на населбата Шеик Џара во Источен Ерусалим
- Израелската организацијата „Ир Амим“ наведува дека Израел влегува во „нова и опасна фаза“ во настојувањата да го потисне палестинското присуство во едно од најсимболичните подрачја на Источен Ерусалим.
 
                ЕРУСАЛИМ /ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската Влада презеде нови чекори за зацврстување на својата контрола врз палестинската населба Шеик Џара во окупираниот Источен Ерусалим и за иселување на нејзините палестински жители, предупреди израелската организација „Ир Амим“ во извештајот објавен денес, јавува Анадолу.
Во извештајот насловен „Гушење на Шеик Џара: Нови алатки за израелска контрола и палестинско раселување“, организацијата наведува дека Израел влегува во „нова и опасна фаза“ во настојувањата да го потисне палестинското присуство во едно од најсимболичните подрачја на Источен Ерусалим.
„Израел сега користи невидени правни, плански и административни алатки за да постигне иста цел – иселување на палестинските жители и зајакнување на израелските населби во срцето на населбата“, се наведува во извештајот.
Меѓу мерките, во извештајот се споменуваат големи урбани проекти за обнова што предвидуваат изградба на околу 2.000 станови за нелегални израелски доселеници, целосно исклучувајќи ги палестинските жители.
Во извештајот се посочува и на регистрација на земјиште во одредени парцели, што им овозможува на државните институции и доселениците да ги запишат на свое име, како и на заплена и пренамена на јавни простори за верски и национално религиозни проекти.
Организацијата оцени дека овие механизми претставуваат „координирана стратегија за претворање на Шеик Џара од живо палестинско маало во фрагментирана област под израелска доминација“.
- Раселување на Палестинци
Израелскиот истражувач Авив Татарски од „Ир Амим“ изјави дека мерките се дел од пошироките напори на израелската Влада за целосна контрола врз Источен Ерусалим.
„Она што го гледаме во Шеик Џара претставува нова фаза во израелските напори да ја зацврсти контролата врз Источен Ерусалим. По години неуспешни обиди на доселеничките групи, сега државата го предводи процесот со нови правни и административни алатки“, рече Татарски.
Во последните години израелските доселеници веќе запленија повеќе куќи во населбата и продолжуваат да бараат нови имоти за проширување на населбите.
Палестинците инсистираат дека Источен Ерусалим е идниот главен град на нивната држава, додека Израел тврди дека целиот град е негов главен град.
Мерките во Шеик Џара се дел од поширока израелска ескалација на окупираниот Западен Брег, каде што во последните две години биле убиени 1.062 Палестинци, повредени околу 10.000, а приведени повеќе од 20.000 лица, меѓу кои и 1.600 деца.
Меѓународниот суд на правдата во јули годинава оцени дека израелската окупација на палестинските територии е незаконска и повика на евакуација на сите населби во Западниот Брег и Источен Ерусалим.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата. 
             
 
             
                                     
                                     
                                     
                                     
                                    