Ekipa
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските власти по втор пат му ја срушија куќата на Палестинецот Абдулкерим Ебу Шинејнех во Источен Ерусалим, наводно поради тоа што ја немала потребната градежна дозвола, јавува Anadolu Agency (AA).
Неодамна во Силван, подрачје во Источен Ерусалим, екипите на градот Ерусалим ја срушија куќата на Ебу Шинејнех, која со помош на волонтери беше повторно изградена.
Меѓутоа, градските екипи утринава дојдоа во населбата Бустан и по втор пат ја срушија куќата.
Жителите на населбите се плашат дека ова е само почеток на рушењето на останатите куќи од тоа подрачје.
Израелските власти се закануваат дека ќе срушат неколку илјади палестински куќи во Источен Ерусалим, тврдејќи дека ги немаат потребните дозволи. Палестинците тврдат дека институциите избегнуваат да им издадат дозволи, и оти сето тоа е дел од израелската политика за заплашување и евреизација на градот.
Локалните и меѓународните организации за човекови права сметаат дека со неиздавањето дозволи за Источен Ерусалим, Израел настојува да го намали бројот на Палестинците во градот.
Извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи (OCHA) покажува дека израелските власти во првите шест месеци од 2017 година срушиле 74 палестински куќи, бидејќи ги немале потребните дозволи.