Esat Fırat
14 Октомври 2020•Ажурирај: 15 Октомври 2020
ЕРУСАЛИМ
Израелските власти одобрија изградба на повеќе од две илјади нови станбени единици за еврејските доселеници во нелегалните населби на окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Повикувајќи се на повеќе извори, израелската телевизија „Канал 7“ јавува дека изградбата на новите 2.166 станбени единици за еврејските доселеници ја одобрил Заводот за планирање на граѓанските работи, кој работи под покровителство на Министерството за одбрана на Израел, поточно под покровителство на Уредот за координација на владините активности на палестинската земја (COGAT).
Истиот извор јавува дека израелскиот Завод за планирање и утре ќе се состане и ќе ги разгледа новите проекти за изградба на окупираниот Западен Брег.
По окупацијата од 1967 година, Израел на подрачјето на палестинскиот Западен Брег изгради 253, а на подрачјето на окупираниот Источен Ерусалим 13 нелегални населби, во кои во моментот живеат повеќе од 650.000 еврејски доселеници.
Новоизградените еврејски населби според меѓународното право имаат статус на нелегални населби, што го потврдуваат и низа резолуции на ОН.
Палестинските власти претходно предупредија дека Израел продолжува и можеби ја интензивира нелегалната изградба на населби на тлото на Палестина по потпишувањето договори за нормализација на односите со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин во средината на минатиот месец.
Од палестинското Министерство за надворешни работи претходно е соопштено дека Израел и САД играат со зборови и дека на таквите игри за наводната нормализација на односите наседнале и властите на некои арапски држави.