Tevfik Durul
14 Октомври 2020•Ажурирај: 15 Октомври 2020
АТИНА
Грчкиот суд го осуди Никос Михалолијакос, челникот на екстремно десничарската криминална организација, партијата „Златна зора“, и нејзините водачи на по 13 години затвор поради „водење криминална организација“, јавува Агенција Анадолија (AA).
На 7 октомври, Апелациониот суд во Атина донесе одлука дека екстремно десничарската партија „Златна зора“ дејствувала како криминална организација, со што е завршено петгодишното судење и еден од најважните политички судски процеси во поновата грчка историја. Истиот суд денеска ги изрече и затворските казни за челниците на „Златна зора“.
Челникот на партијата, Михалолијакос, и другите членови на раководството, Илијас Касидијарис, Јанис Лагос, Јоргос Герменис, Илијас Панагиотарос, Панајотис Илиопулос и Никос Папас се осудени на по 13 години затвор.
Артемис Матеопулос е осуден на 10 години затвор за „управување со криминална организација“, додека останатите се осудени на 5 до 10 години затвор за „членување во криминална организација“.
- За убиецот на пејачот Павлос Фисас доживотен затвор -
Членот на партијата, Јорго Рупакијас, е осуден на доживотен затвор за убиството на левичарскиот пејач Павлос Фисас.
Судската постапка против „Златна зора“, откако е обвинета за дејствување како криминална организација, беше започната откако приврзаникот на таа политичка партија, Јоргос Рупакијас, во 2013 година го уби пејачот Павлос Фисас, кој беше познат по своите левичарски ставови.
По истрагата, подигната е тужба против Михалолијакос, лидерот на „Златна зора“, и против уште 68 лица, меѓу кои и пратеници на оваа партија, под обвинение за „водење вооружена криминална организација и за членување во неа“.
Судската постапка, што траеше повеќе од пет години пред Апелациониот суд во Атина, заврши на 7 октомври, така што по дури 454 рочишта е утврдено дека екстремно десничарската партија „Златна зора“ делувала како криминална организација. Откако Судот го објави времетраењето? износот на казните, оние што се прогласени за виновни ќе бидат уапсени и испратени во затвор.
- „Златна зора“ беше трета партија по големина -
Партијата „Златна зора“, основана во 1980 година од Николаос Михалолијакос, познат по своите расистички и неонацистички ставови, беше трета партија по големина во Парламентот за време на должничката криза во Грција, а на изборите во 2012 година прв пат влезе во Парламентот освојувајќи 18 од вкупно 300 места.
Оваа екстремно десничарска партија на изборите во 2015 година освои три пратенички места во Европскиот парламент, но на последните избори во 2019 година не успеа да влезе во Парламентот бидејќи не го помина изборниот праг од три отсто.