Mustafa Deveci
01 Јуни 2020•Ажурирај: 02 Јуни 2020
ЕРУСАЛИМ
Израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, нареди подигнување на полна воена приправност во таа земја поради владиниот план на анексија на поголемите делови на окупираниот палестински Западен брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Израел денес соопшти дека Ганз му наредил на началникот на Генералштабот на војската, Авив Кочави, војската да биде во полна приправност во случај на можни немири во регионот, откако Владата покрена процес на дипломатски активности на палестинскиот Западен брег.
Иако во соопштението се користи терминот дипломатски активности, извесно е дека тоа се однесува на претходно објавениот план на израелската влада за анексија на Јорданската долина и сите нелегално изградени еврејски населби на Западниот брег.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатиот месец со лидерот на опозицијата Бени Ганц формираше заедничка влада на Израел, а двајцата најавија дека од 1 јули ќе го забрзаат планот на анексија на Јорданската долина и другите територии на Западниот брег на кои се подигнати нелегалните еврејски населби.
Палестинските власти најавија потполно запирање на билатералните односи со Израел доколку продолжат со планот за анексија кој се однесува на третина од палестинскиот Западен брег, кој веќе со децении е под израелска окупација.