Ikrame Imane Kouachi
24 Мај 2024•Ажурирај: 25 Мај 2024
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израел денес ги прекина врските меѓу шпанскиот конзулат во Ал-Кудс (Ерусалим) и Палестинците од окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
„Како одговор на шпанското признавање на палестинската држава и антисемитскиот повик на шпанската вицепремиерка не само да се признае палестинската држава, туку и да се 'ослободи Палестина од реката до морето', решив да ги прекинам врските меѓу претставништвото на Шпанија во Израел и Палестинците“, рече израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац.
Кац додаде дека тој, исто така, одлучил „да се забрани на шпанскиот конзулат во Ерусалим да дава услуги на Палестинците од Западниот Брег“.
„Ако оваа неупатена личност исполнета со омраза сака да разбере што навистина бара радикалниот ислам, треба да ги проучи 700-те години од исламското владеење во Ал-Андалус, денешна Шпанија“, додаде тој.
Шпанската вицепремиерка Јоланда Дијаз на крајот од видеото објавено на социјалните мрежи вчера објасни дека потегот на Шпанија да ја признае палестинската држава на 28 мај е само почеток.
„Ќе продолжиме да вршиме притисок да ги браниме човековите права и да ставиме крај на геноцидот врз палестинскиот народ. Живееме во момент кога правењето минимум е истовремено и херојско и недоволно“, рече лидерката на коалицискиот партнер на шпанската Влада и заклучи:
„Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна.“
Норвешка, Ирска и Шпанија во средата објавија дека ќе ја признаат Палестина како држава, а одлуката ќе стапи на сила на 28 мај.