Ahmed Asmar
17 Ноември 2023•Ажурирај: 18 Ноември 2023
КУДС (АА) - Шеста недела по ред, израелските власти воведоа строги ограничувања за Палестинците, забранувајќи им влез во џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) за петочната молитва, оставајќи ја џамијата речиси празна, јавува Анадолу.
Официјален претставник на Одделот за вакаф во Кудс за Анадолу изјави дека само околу 4.000 Палестинци, повеќето постари лица, успеале да стигнат до џамијата за да ја извршат петочната молитва - значително помалку од вообичаените 50.000.
Претставникот, кој побара да остане анонимен, додаде дека џамијата е празна поради строгите контроли на израелските сили на улиците.
Очевидци за Анадолу рекоа дека голем број израелски сили биле распоредени низ окупираниот Источен Кудс, особено во старото јадро на градот и влезовите што водат до џамијата.
Стотици Палестинци беа принудени да ја извршат петочната молитва на улиците во близина на старото јадро на градот, откако им беше забранет влез во самата џамија.
Израелската страна не ги наведува причините за ограничување на пристапот на муслиманите до Ал Акса за молитва.
Пред израелското ограничување, петочната молитва (џума намаз) во џамијата Ал Акса ја извршуваа најмалку 50.000.
Тензиите низ Западниот Брег се зголемија со нападите на израелската војска врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Според податоците на палестинското Министерство за здравство, од израелскиот оган на окупираната територија од 7 октомври досега загинаа повеќе од 200 Палестинци, а над 2.700 се ранети.