Mohammad Sıo
04 Јануари 2024•Ажурирај: 05 Јануари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Израелската војска изврши шест масакри во рок од три дена со насилното наведување на луѓето кон области за кои тврдеше дека се „безбедни“ во градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, а потоа ги бомбардираше, при што загинаа 31 лице, соопшти денес Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа, јавува Анадолу.
„Геноцидната војна против цивилите, децата и жените во Појасот Газа ќе остане дамка за човештвото и за целиот свет кои се сведоци на овие злосторства и останаа без дејствување за да стават крај на оваа неморална геноцидна војна“, се вели во соопштението.
Канцеларијата ја повика меѓународната заедница „да стави крај на сеопфатната геноцидна војна на израелската окупаторска армија во палестинската енклава“.
Израелската Армија пушта летоци, повикувајќи ги луѓето да се евакуираат во таканаречените „безбедни“ подрачја.
Израел започна жестоки воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас, на 7 октомври.
Оттогаш, во израелските напади врз енклавата загинати се најмалку 22.313 Палестинци, а 57.296 се повредени, според здравствените власти на Газа, додека во нападот на Хамас во Израел се смета дека се загинати 1.200 Израелци.
Нападите го оставија Појасот Газа во урнатини. Околу 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, а речиси два милиони жители се раселени.