Rania R.a. Abushamala
18 Октомври 2023•Ажурирај: 18 Октомври 2023
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската војска го повтори тврдењето дека Движењето „Исламски џихад“ е одговорно за синоќешното бомбардирање на баптистичката болница „Ал-Ахли“ во северниот дел на Газа, што резултираше со стотици загинати и многу повеќе повредени, јавува Анадолу.
„Потврдуваме дека тоа беше неуспешна ракета лансирана од Исламски џихад“, рече портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, на прес-конференција во Тел Авив денес.
Хагари истакна дека „анализата на штетата во болницата, врз основа на нивните снимки од воздух, укажува дека немало директен удар врз самата болница, а единствената штета настанала надвор од болницата во гаражата за автомобили“.
Тој тврди дека штетата на местото на експлозијата „не е од штетата предизвикана од која било воздушна муниција, која би имала поинаква природа“.
Тој додаде, користејќи друго име за болницата: „По сеопфатна истрага и проучување на сите оперативни и разузнавачки системи, јасно е дека израелската Армија не ја нападнала болницата Ал-Муадани во Појасот Газа.“
На социјалната мрежа Х, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така тврдеше дека „палестинските фракции се одговорни за гранатирањето на болницата“.
Центарот за борба против дезинформации на турската Влада доцна синоќа силно ги отфрли „лажните“ израелски тврдења за воздушниот напад, во кој загинаа околу 500 луѓе, според Министерството за здравство на Газа.
„Тврдењето дека '(палестинската група) Хамас, а не Израел, го извршила нападот' врз баптистичката болница Ал-Ахли во населбата Ал-Зајтун во Газа е лажно“, соопшти на социјалната мрежа Х, Центарот за борба против дезинформации на Дирекцијата за комуникации при турското претседателство.
„Кога се испитуваат снимките од бомбардирањето на болницата, станува очигледно дека муницијата што имала ефект да ја уништи областа не била од типот што Хамас претходно ја користел“, се нагласува во соопштението.
Центарот, исто така, цитираше неодамнешна изјава во која „израелската Армија побара итна евакуација на болниците, тврдејќи дека тие биле користени како засолништа“ за Хамас, зајакнувајќи го случајот дека израелските сили го извршиле смртоносниот воздушен напад и дека тие го направиле тоа намерно.