свет

Израел ги урива палестинските куќи и штали на окупираниот Западен Брег

- Жителите велат дека урнатите куќи и штали биле од суштинско значење за нивниот опстанок, а со нивното уништување многу семејства останале без покрив над главата и без основен извор на приход.

Aida Cako  | 12.11.2025 - Обновена : 12.11.2025
Израел ги урива палестинските куќи и штали на окупираниот Западен Брег Foto: Mamoun Wazwaz/AA

СКОПЈЕ (АА) - Израелските сили денес урнаа неколку палестински домови и штали во Масафер Јата, јужно од Хеброн, на окупираниот Западен Брег, тврдејќи дека биле изградени без потребните дозволи, јавува Анадолу.

Според соопштението на организацијата „Ал-Бајдар“ за заштита на бедуинските права, израелските војници придружувале булдожери кои во зори влегле во областа и започнале со уривање на објектите што им припаѓале на палестински семејства кои таму живеат со децении.

Жителите велат дека урнатите куќи и штали биле од суштинско значење за нивниот опстанок, а со нивното уништување многу семејства останале без покрив над главата и без основен извор на приход.

Локалните организации предупредуваат дека Израел со години врши притисок врз заедниците во Масафер Јата преку наредби за уривање и воени ограничувања со цел да ги натера Палестинците да го напуштат подрачјето.

Тие го опишуваат ова како јасно кршење на меѓународното хуманитарно право и дел од систематска политика насочена кон празнење на јужниот дел на Хеброн од неговото палестинско население.

Во друг инцидент, израелските сили урнале и палестинска куќа во селото Ал-Валаџа, во близина на Витлеем.

Израелската Армија започна геноцидна офанзива во Појасот Газа во октомври 2023 година, при што беа убиени повеќе од 69.000 луѓе, главно жени и деца, а повредени над 170.000 други.

Истовремено, Тел Авив ја засили својата агресија и на окупираниот Западен Брег, каде, според палестински податоци, биле убиени повеќе од 1.069 лица, а повредени над 10.300.

Властите соопштија дека од почетокот на израелската офанзива во Газа биле приведени повеќе од 20.000 луѓе, меѓу кои 1.600 деца.

Меѓународниот суд на правдата во јули го прогласи израелското окупирање на палестинските територии за нелегално и побара евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.