Mehmet Nuri Uçar
12 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
РАМАЛА (АА) - Израелските власти воведоа 20 воени мерки со кои се забранува влез на палестинските плантажи на маслинки, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Израелските власти со новите воени мерки им забранија на Палестинците да влегуваат на сопствените плантажи со маслинки, без оглед на тоа што еврејските доселеници се оние кои вршат напади врз овие добра и нивните палестински домаќини“, изјави за АА Велид Асаф, шеф на Советот за борба против Sидот на поделбата и изградбата на нелегални еврејски населби, што делува под покровителство на Палестинската ослободителна организација.
Истакнувајќи дека забранет е влезот на илјадници метри квадратни палестински маслинови плантажи на рабовите на нелегалните еврејски населби, Асаф рече дека е јасно оти целта на новите израелски мерки е да се продолжи со обесправување на палестинските сопственици на земјиште.
Тој нагласи дека Израел на тој начин планира во следната фаза да го земе тоа палестинско земјиште.
Израелските власти досега не го коментираа случајот и најчесто таквите одлуки ги оправдуваат со наводни безбедносни причини.
Бербата на маслинки започна пред неколку дена, а еврејските доселеници извршија низа вандалски напади врз Палестинци на плантажите.
Плантажите со маслинки се еден од основните извори на средства за многу Палестинци.
По окупацијата во 1967 година, Израел на подрачјето на палестинскиот Западен Брег изгради над 250 илегални населби во кои моментално живеат над 400.000 еврејски доселеници. Според меѓународното право, новоизградените еврејски населби имаат статус на нелегални населби, што е потврдено со низа резолуции на Обединетите нации.