ЊУЈОРК (АА) – Наградените фотографии од меѓународниот натпревар „AA Istanbul Photo Awards 2016“ на Anadolu Agency (AA), за љубителите на уметноста се изложени во седиштето на Обедитетите Нации (ОН) во Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
По изложбата на „AA Istanbul Photo Awards 2016“ во Европа, сега таа е отворена и во Америка.
На отворањето на изложбата се обрати Уредникот за визуелни вести на АА, Ахмет Сел, кој рече дека Anadolu Agency во последните години, растејќи со забрзано темпо, влезе меѓу најважните меѓународни актери што го сочинуваат светот на вестите.
Сел нагласи дека најефективниот медиум за комуникација на АА е токму фотографијата и рече оти фоторепортерите најчесто се изложени на опасност, насекаде во светот, соочувајќи се со човечките трагедии, но ја имаат нивната поддршка за да ги реализираат своите фотографии.
Во своето обраќање, Сел понатаму рече дека „Istanbul Photo Awards“ е место каде што се среќаваат најталентираните фоторепортери од светот пред искусно жири и додаде оти во Њујорк се претставени најдобрите дела пред меѓународното жири.
„Минатата година фокусот на нашите фоторепортери беше вперен кон човечките трагедии што се случуваат во Сирија, кон приказните на луѓето кои по цена на својот живот се распрснаа по патиштата и по морињата, за да дојдат до подобра иднина. Покрај ова, на оваа изложба има и фотографии од спортот, кои се наградувани“, изјави Сел.
Тој пренесе дека, на овој натпревар, покрај вести и спорт, ќе бидат додадени и категориите портрет и природа – околина, и дека организацијата со ова ќе порасне уште повеќе.
- Честитки до Anadolu Agency -
Постојаниот претставник за ОН, амбасадорот Феридун Синирлиоглу, по разгледувањето на изложбата за АА изјави дека овој настан е навистина успешен и упати честитки кон агенцијата.
Нагласувајќи дека овој натпревар станува сѐ повеќе популарен и дека претставува важна промотивна активност, Синирлиоглу оцени дека тој е активност којашто покажува колку добро и сериозно работи Anadolu Agency.
Синирлиоглу пренесе дека на изложбата има фотографии коишто ја покажуваат состојбата на бегалците во Алепо. „Понекогаш, една фотографија може да постигне подобри резултати од повеќегодишен наш напор, бидејќи експресивната моќ на фотографијата е многу над самиот збор“.
Во врска со темата на изложените фотографии од воените подрачја, Синирлиоглу рече дека тие се на вистинско место и во вистинско време.
Меѓународната уредничка на фотографија на списанието „Тајм“, Алис Габринер, потсети дека пред две години била поканета од страна на АА, за да биде член на жирито на натпреварот.
Габринер го искажа своето задоволство од квалитетот на целокупното жири и од работата што се работи: „Фотографиите се избираат во еден многу демократски процес. Меѓу другите фотографии, мене ме погоди фотографијата на детето – жртва на војната во Сирија. И другите членови од жирито беа исто така многу импресионирани од оваа фотографија. Овој период е многу критичен за фоторепортерите, особено за хонорарците, затоа што фоторепортерите кои работат во Сирија и во Ирак ја документираат историјата“.
Директорката на корпоративни комуникации на АА, Есра Киречџи изјави дека се започнати подготовките за третиот по ред натпревар „Istanbul Photo Awards“ за следната година.
Таа во својата изјава рече дека оваа изложба е огледало на регионите каде што се војува и нагласи оти човековата драма што се случува во Сирија, Газа и на други места, е изложена пред сите.
- „Изложбата ќе придонесе да се чуе гласот на бегалците“ -
Членот на менаџментот на фондацијата ТУРКЕН, Мемиш Јетим рече дека во САД нема доволно информации за човековата драма во Сирија и додаде оти ваквите изложби можат да ја зголемат свеста.
Тој рече дека е горд поради тоа што една ваква изложба се случува во ОН и дека отворањето на оваа изложба и во другите држави на САД, ќе придонесе да се чуе гласот на бегалците.
Претседателот на Турско-американското културно здружение (ТАЦС), Мурат Берк, честитајќи и на АА за организираниот настан, рече: „Навистина е важно преку еден ваков меѓународно организиран настан во седиштето на ОН, да се прикаже што значи војната во Сирија и бегалците. Ова е најдобар начин да се крикне за тоа, дека светот е поголем од ’пет’, како што рече и нашиот претседател“.
- Голема заинтересираност за изложбата од страна на репортерите на ОН -
Уредникот на „Американ телевижн њуз“ (ATN), Ахмед М. Фатхи, кој работи во ОН, укажа на моќта на фотографиите и рече дека ова не се само визуелни слики, туку дека зад секоја фотографија стои опис на драмата и страдањата на бегалците.
Фатхи потсети дека бегалците се важен дел од светската совест и агенда и додаде оти овие фотографии упатуваат апел до целата меѓународна заедница, да им се заштити достоинството и почитта на овие луѓе.
Претседателот на Здружението на новинари при ОН, италијанскиот новинар, Џампаоло Пиоли, пак, го истакна моќното влијание на изложените фотографии, и како пример ја посочи фотографијата од бебето Ајлан, чие мртво тело беше исфрлено од водите на Егејското Море.
Тој изјави дека изложбата на фотографиите коишто ги покажуваат страдањата на бегалците во ОН ќе придонесе за да се зголеми свеста во врска со оваа тема.
Оваа изложба е спонзорирана од страна на Фондот за промоција при Владата, „Туркиш ерлајнс“ и од Турската меѓународна агенција за соработка и координација (ТИКА).
На претходните изложби во Анкара, Истанбул и во Виена, беше изложена и фотографијата на сирискиот фотограф Абд Доуману „Крик за помош на сириските деца“, која беше избрана за „Најдобра фотографија на годината“.
На отворањето на изложбата присуствуваа генералниот конзул на Турција во Њујорк, Ертан Јалчин, членот на управниот менаџмент на АА, Мухамет Салих Демиркан и други гости. Изложбата ќе трае една недела.