свет

Извештај: Поранешниот шеф на венецуелската воена разузнавачка служба може да сведочи против приведениот Мадуро

Неговото неочекувано признавање вина дојде по две години негирање на обвиненијата и поттикна шпекулации дека би можел да соработува со американските власти во замена за намалена казна

Kanyshai Butun  | 07.01.2026 - Обновена : 07.01.2026
Извештај: Поранешниот шеф на венецуелската воена разузнавачка служба може да сведочи против приведениот Мадуро

ИСТАНБУЛ (AA) – Поранешниот шеф на военото разузнавање на Венецуела, Хуго Армандо Карвахал Барјос, би можел да стане клучен сведок во федералниот кривичен случај против приведениот лидер на Венецуела, Николас Мадуро, објави УСА Тудеј, јавува Анадолу.

Карвахал, кој некогаш беше близок сојузник на покојниот венецуелски претседател Хуго Чавез, како и на Мадуро, минатата година во САД се изјасни за виновен по обвиненијата за трговија со дрога и нарко-тероризам, признавајќи ја својата улога во шверцување кокаин во американски градови.

Неговото неочекувано признавање вина дојде по две години негирање на обвиненијата и поттикна шпекулации дека би можел да соработува со американските власти во замена за намалена казна, при што би обезбедил информации за Владата на Мадуро.

Според документи на американското Министерство за правда и Агенцијата за борба против дрога (DEA), криминалната мрежа што Карвахал помогнал да ја води за време на владеењето на Мадуро и Чавез била наведена од администрацијата на претседателот Доналд Трамп како оправдување за американската акција во која Мадуро и неговата сопруга беа приведени во раните часови на 3 јануари.

На 2 декември, Карвахал му испратил писмо на Трамп во кое навел дека сака да соработува во истрагите „за да се искупи со тоа што ќе ја каже целата вистина, за САД да можат да се заштитат од опасностите на кои сведочев со години“.

Во писмото, објавено од Далас Експрес, Карвахал тврди дека режимот на Мадуро го користел кокаинот како оружје и извезувал насилни криминални мрежи, вклучително и групата Трен де Арагуа, на територијата на САД.

Џек Кели, поранешен надзорен агент на ДЕА, за медиумот дека сведочењето на Карвахал против Мадуро „би било како Семи Бул да сведочи против Џон Готи“.

Адвокатот на Карвахал, Роберт Фајтел, за Уса Тудеј изјави дека не може да коментира ниту еден аспект од случајот против Мадуро, бидејќи неговиот клиент би можел да сведочи против приведениот венецуелски лидер.

Карвахал и неговиот адвокат ќе мора да ги убедат обвинителите од Министерството за правда дека неговото сведочење има доволна тежина за да го надмине ризикот од жестоко вкрстено испрашување од страна на одбраната на Мадуро, имајќи ја предвид и сопствената улога на Карвахал во кривичните дела, изјави за медиумот поранешниот висок функционер на ДЕА, Сандалио Гонзалез.

„Само затоа што сака да соработува, не значи дека има право на тоа“, рече Гонзалез, кој ги водеше случаите против Мадуро и Карвахал и ја напушти ДЕА во декември 2024 година.

Тој нагласи дека адвокатот на Карвахал мора да понуди „значајна доказна вредност“, заедно со целосно и детално признавање на целокупното криминално дејствување на неговиот клиент.

Министерството за правда, исто така, ќе треба да процени дали сведочењето што Карвахал може да го обезбеди би претставувало „клучен доказ што не може да се добие од друг сведок кој веќе има договор за соработка“.

На 3 јануари, американските специјални сили го приведоа венецуелскиот претседател Николас Мадуро во ноќна операција во Каракас, по што тој беше пренесен во притвор во САД, додека беа извршени воздушни напади врз воени цели.

Операцијата, одобрена од претседателот Доналд Трамп, произлезе од долгогодишни федерални обвиненија против Мадуро за наркотероризам, трговија со дрога и корупција.

На 5 јануари, Мадуро се појави пред федерален суд во Њујорк со лисици на рацете и облечен во портокалова затворска униформа, каде што се изјасни дека не е виновен по обвиненијата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.